Добредојдовте и во оваа епизода од Наука за сите подкастот. Ако сте слушнале досега барем една епизода, ако сте слушнале барем еден разговор со некој од нашите паметни гости, веруваме ќе се сложите дека науката има моќ да го види невидливото, односно да ги открие и разоткрие убавините на реалноста. Но истовремено, мораме да признаеме, таа ги разоткрива и опасностите кои секојдневно нѐ демнат. Иако делува страшно, тоа што науката нѐ соочува со суровите факти на реалноста, всушност ја прави најкорисната алатка којашто човештвото ја стекнало досега.
Оваа алатка во рацете на денешната гостинка – Милка Љончева – која е докторанд и млад истражувач на институтот „Јожеф Стефан“ во Љубљана, Словенија, на одделот за Науки за животната средина – открива многу за огромниот број на органски загадувачи присутни во нашата средина и нашето тело. На пр. дали знаевте дека конзервансите кои се додаваат во голем дел од козметичките производи всушност содржат супстанци кои имаат токсичен ефект на долг рок, како за нас, така и за останата флора и фауна откако ќе завршат во отпадните води? Милка дополнително објаснува што е експозомика и како нејзината лабораторија развива методи за детекција на илегални дроги во канализацијата. Во разговорот, го дискутираме и загадувањето на реките и Охридското езеро, но и проблемот со пречистителните станици во Македонија кои се далеку од потребното ниво на функционалност. Вреди да ја дослушате докрај епизодава. Уживајте.
МУЗИКА: Атанас Кирјаковски