Наука за сите

Наука за сите

By Наука за ситеScience
Download on the App Store

Наука за сите episodes

  • Науката и боречките спортови: разговор со д-р Јасмина Плунчевиќ-Глигороска и Алек Јакимовски [#3]
    Денешната тема е науката на спортот, поточно физиологијата и психологијата на боречките вештини со акцент на Бразилското џиу џицу (БЏЏ), но секако, сè што ќе слушнете денес е применливо во најголем дел и кај сите други видови спортови. Eдниот од соговорниците во денешнава епизода, Алек Јакимовски, веќе подолго време спортува разни боречки вештини и е носител на кафеав појас во БЏЏ. Другата соговорничка, д-р Јасмина Плунчевиќ–Глигороска по професија е лекар, специјалист по спортска медицина и е вонреден професор на Институтот за медицинска физиологија и антропологија при Медицинскиот факултет од Скопје.
    Бидејќи разговорот го снимавме преку интернет, се извинуваме поради, на моменти, лошиот квалитет на аудио снимката, но разговорот е сосема разбирлив – не полош од квалитетот на звукот како кога зборувате преку телефон. Затоа, стиснете плеј, опуштете се и уживајте. Спортот погледнат и разбран од научна перспектива станува уште поубав!
    1 hr 4 min
  • Еволуција на музиката: разговор со композиторот Гоце Симоноски [#2]
    Во оваа епизода зборуваме за музиката. Обично таа се доживува како уметнички израз, како уметнички феномен, нешто што треба да се слуша и да се твори, но многу малку за неа размислуваме како за биолошки феномен, т. е. како некаква функција којашто произлегува од мозокот, слично на сите останати функции како говорот, вниманието, меморијата, итн.
    Некои научници сметаат дека музиката заедно со јазикот е уникатна за човекот и универзална помеѓу човековите култури низ светот и покрај фактот што постојат разни видови на песнопојни птици и китови коишто комуницираат сонарно, но сепак овие видови не ја достигнале софистицираноста на звукот како што ја достигнал човекот. Човековата музика, во било која форма, пренесува разни емоции, информации, предизвикува чувства коишто се прилично длабоки, прилично сатурирани и интензивни. Сето ова ја прави музиката уникатна и како форма на комуникација.
    Токму за неа, повеќе се обидуваме да дознаеме заедно со Гоце Симоноски кој е музиколог, музичар, композитор и наставник во средното музичко училиште „Тодор Скаловски – Тетоец” од Тетово. Истовремено Гоце е и изведувач на музика и е гитарист во добро познатиот тетовски бенд “High Control”, продуцент којшто стои позади продукцијата на многу познати бендови и песни во Република Македонија. Неодамна запиша додипломски студии по психологија затоа што е силно заинтересиран подлабоко да ја разбере музиката од психолошки и биолошки аспект. Можеби и нема подобар соговорник од него за целите на оваа емисија во која се обидуваме да ја разбереме музиката како функција на мозокот. Гоце е и авторот на онаа прекрасна музичка тема којашто ја слушате на почетокот од секоја епизода на овој подкаст.
    Тука детално разговараме за тоа што претставува музиката според Дарвин, што Херберт Спенсер и Стивен Пинкер мислат за неа, дали таа е поврзана со јазикот и говорот, дали е застапена кај животните, дали е застапена кај превербалните бебиња и воопшто како можеме да гледаме на музиката од научен аспект.
    38 min
  • Имуниот систем во борба против ракот: разговор со проф. Златко Трајаноски [#1]
    Во првата епизода на НАУКА ЗА СИТЕ, разговараме со еден од најцитираните македонски научници – проф. Златко Трајаноски којшто е долгогодишен шеф и професор во Дивизијата за биоинформатика при медицинскиот универзитет во Инсбрук, Австрија, и чија специјалност припаѓа во полето на компјутационата геномика. Неодамна, проф. Трајаноски одржа предавање во Македонската академија на науките и уметностите на тема “Пресметување и продирање во имунитетот на ракот”. Неговата лабораторија досега публикувала 118 оригинални трудови на оваа тема и 13 ревиски трудови во најреномираните светски научни списанија. Сите трудови заедно досега биле цитирани преку 11,000 пати.
    Со него, во првата епизода на НАУКА ЗА СИТЕ зборуваме за најновите откритија во молекуларната биологија на ракот и развивањето на нови терапии против истиот коишто го искористуваат потенцијалот на нашиот имунитет, и ова сето, проф. Трајаноски го истражува со помош на суперкомпјутери. Тој во оваа епизода стрпливо, јасно и љубезно раскажува за генетиката и геномиката, за огромните комјутерски датабази коишто го содржат човечкиот код, за способноста на имуниот систем да навлезе во ткивото на ракот, за светските трендови на персонализирана и прецизна медицина, за можните кариери во неговата лабораторија, итн.
    Во името на НАУКА ЗА СИТЕ му се заблагодаруваме за одвоеното време меѓу милијардите обврски коишто ги има во текот на денот за денешниов разговор преку скајп и сигурни сме дека повторно ќе имаме прилика да научиме уште повеќе од проф. Трајаноски за најновите технологии и терапии за лечење на ракот.
    Уживајте.
    КОРЕКЦИЈА: Во подкастот терминот „interstitial fluid” погрешно е преведен на македонски во „интестинална течност”. Правилниот превод е „интерстицијална течност”.
    47 min

About Наука за сите

From the publisher's feed

Наука за сите има за цел да ја промовира науката и технологијата на македонски јазик. НЗС цврсто се потпира на интердисциплинарна соработка и вмрежување на локални и меѓународни научни истражувачи и…